Одржана конференцијата „ЕУ за општините“

На 23 март 2022 година, шефот на Делегацијата на Европската Унија, амбасадорот Дејвид Гир, официјално ја отвори конференцијата „ЕУ за општините“ и ја потврди поддршката што ЕУ ја дава на општините во Северна Македонија. Конференцијата е заеднички организирана од две програми кои се главно финансирани од Европската Унија – „ЕУ за општините“ и програмата за прекугранична соработка помеѓу Северна Македонија и Албанија. Договорите за кофинансирање со општините кои се корисници на двете програми финансирани од ЕУ ги потпишa министерот за локална самоуправа, Горан Милески.

Програмата „ЕУ за општините“ е грантова шема со вкупна вредност од 5 милиони евра, која им овозможи на 8 општини да добијат грантови финансирани од ЕУ во износ од 300.000 до 800.000 евра. Покрај тоа, 11 грантови обезбедени од ЕУ беа доделени во рамките на програмата за прекугранична соработка помеѓу Северна Македонија и Албанија. Министерството за локална самоуправа и Швајцарската агенција за соработка кофинансираат до 15% од вкупните прифатливи трошоци на овие грантови.

Втората цел на конференцијата „ЕУ за општините“ беше да се претстават тематските платформи за вмрежување во секторите кои се приоритет за општините во Северна Македонија, односно дигитализација, управување со отпад и урбана мобилност. Овие сектори се дел од Европскиот зелен договор и општините Аеродром, Охрид, Радовиш, Струмица, Тетово, Велес, Врапчиште и Град Скопје со помош на грантовите од ЕУ ќе подготват и спроведат соодветни иновативни решенија.

Во однос на Европскиот зелен договор, општините беа потсетени и на можноста да учествуваат на отворениот повик распишан од Делегацијата на Европската унија за доделување на наградата за зелена општина. Општините имаат можност да ги прикажат активностите со кои придонесуваат за заштита на животната средина. Повикот има за цел да ги промовира добрите практики на општинско ниво воспоставени во 2021 година во врска со управувањето со отпадот.